Бугарија
Од буџетот на Бугарија ќе се одвојат 6,5 милиони лева годишно за обуката на млади специјализанти, а потоа лекарите ќе треба да работат три години во места каде што има недостиг од специјалисти. Бугарија се соочува со недостиг од лекари, особено во клучните специјалности, како педијатрија, анестезиологија, психијатрија, патологија и други. Со новата промена иницирана од Министерството за здравство, овој недостиг делумно ќе биде решен.
Со пари од државата годинава ќе бидат едуцирани 489 лица. Износот на месечната субвенција што треба да му се исплати на секој приправник-специјализант ќе изнесува две минимални плати Три минимални плати ќе им бидат исплатени на специјалистите што се едуцираат за области во кои има дефицит на кадри. Минималната плата на ниво на државата за оваа година изнесува 560 лева. Специјалистите ќе можат да добијат субвенции за обука не само од државата туку и од општините, од самите болници и од европски проекти и програми.
По завршувањето на специјализацијата, младите лекари ќе можат да изберат работа од листата на здравствени установи, области или општини каде што има недостиг од специјалисти и ќе треба да работат во нивната специјалност најмалку три години. Доколку не ја исполнат оваа обврска, тие ќе бидат обврзани да ги вратат парите што ги добиле за време на обуката.