Дијалогот меѓу Србија и Косово за нормализација на односите не е забрзан, наспроти оптимистичките изјави на Федерика Могерини, високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и сигурносна политика, која е и модератор на преговорите меѓу лидерите на двете земји Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
Дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓерагина Тухина, за порталот „Зашто?“ низ неколку точки го анализира текот на разговорите во таканаречената завршна фаза на овој процес, за што Могерини најави дека средбите на претседателско ниво во 2018 година ќе се одвиваат со „полна брзина“.
Годинава е при крај, а средбите на претседателското ниво се релативно ретки, со мали или со никакви резултати, а по секоја рунда преговори се засилуваат тензиите на релацијата Приштина – Белград, забележува во анализата РСЕ. Пресвртот се случил по средбата во јули, кога Александар Вучиќ и Хашим Тачи почнаа дебата за размена на територии – процес што со политичкиот речник се нарекува „корекција на границите“.
До минатата година оваа идеја беше незамислива, а таа почна да добива и поддршка меѓу некои земји-членки на ЕУ и во канцеларијата на Могерини. За неа и нејзиниот тим, кој е вклучен во процесот, прифатлива е секоја спогодба што ќе има согласност од двете страни, а кои ќе бидат врз основа на меѓународното право. Според некои неофицијални информации, промената на ставот е резултат на промена на јазикот во официјален Вашингтон и тоа е причината зошто некои земји-членки се подготвени да напуштат некои начела. Ова мислење не го дели и Германија, која моментално има клучна улога околу регионот внатре во Европската Унија.
Потпирајќи се на изјавите на учесниците по секоја претседателска рунда ништо не покажува дека двете страни се движат надвор од ќор-сокакот, имајќи ги предвид дијаметрално спротивните ставови за сѐ друго, со исклучок на цртањето можни нови мапи. Нема информации што суштински се случува во просториите каде што разговара тројката Могерини – Вучиќ – Тачи.
Европската страна по секоја рунда излегува со соопштенија што се со слична содржина, ако не и иста како и претходните. Во нив со неколку реченици се објаснува дека ништо не се случило, но затоа „претседателите се посветени или интензивно работат на заедничка основа за конечна спогодба“.
Во состојба кога Могерини нема поддршка од цела ЕУ да продолжи со проектот, односно да дозволи расправа за разграничување, нема ни причина да се закажуваат нови средби, се констатира во анализата на дописничката на РСЕ. Европските официјални лица нагласија дека во овие моменти нема основа ни причина за нови состаноци. Могерини, од друга страна, е под притисок на времето, затоа што следната година ја напушта канцеларијата, за што ѝ е потребно добро политичко наследство. Затоа, таа продолжува да инсистира на тоа дека спогодбата меѓу Косово и Србија е можна до наредната година.
Белград се противи на повлекувањето на УНМИК
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека заминувањето на УНМИК од Косово, како и формирањето војска би ја довело неговата земја во ужасно тешка позиција. Тој, по повод писмото на американската амбасадорка во ОН Ники Хејли со кое бара повлекување на УНМИК од Косово, истакна дека САД сакаат да отстранат сѐ што Обединетите нации претставуваат во Косово, бидејќи за нив Косово е независна и суверена држава.
Според него, формирањето војска на Косово би претставувал голем и речиси нерешлив проблем и за Србија и за регионот и апелираше до меѓународната заедница, посебно до САД, да обрнат внимание на најавите на албанските политичари дека тоа ќе се случи до крајот на годината.
За повлекувањето на УНМИК од Косово без договор за конечен статус веројатно би требало нова резолуција на Советот за безбедност на ОН, а нејзиното донесување би зависело од Русија, изјави за Радио Слободна Европа Даниел Сервер, професор на вашингтонскиот универзитет „Џонс Хопкинс“ и експерт за Балканот.
На прашањето дали УНМИК може да се повлече додека е во сила Резолуцијата 1244 на ОН за Косово, Сервер рече дека верува оти оваа иницијатива на Вашингтон е „дел од општата стратегија на САД да го намалат ангажирањето во мировните мисии на ОН“.
– САД, во принцип, се обидуваат да ги намалат овие мисии каде што можат. Дали е можно УНМИК да се повлече од Косово без договор за конечен статус – претпоставувам дека е, но за тоа веројатно би требало нова резолуција на Советот за безбедност на ОН, а се разбира, Русија би контролирала дали таа би поминала или не. Мислам дека Американците најверојатно ќе се обидат да ги намалат бројот на персоналот и буџетот на ОН, но не знам колку луѓе има сега таму и колкав им е буџетот, така што не можам да ви кажам какви би биле последиците од тоа – рече Сервер.