Силен земјотрес и денеска ја погоди Хрватска, а епицентарот на потресот со јачина од 6,3 степени повторно беше во близина на градот Петриња, иако беше силно почувствуван низ цела Хрватска, па и во поширокиот регион.

Сите служби во хрватскиот град кој е најпогоден од потресот се мобилизирани и на терен за да им помогнат на граѓаните.

– Врисоци и извици се слушаат на снимките на телевизијата Н1, чии репортери се јавуваат во живо – пренесува порталот „Индекс“, според првичните податоци.

Жител на Петриња бил спасен и извлечен жив од згмечен автомобил откако врз него паднале цигли по силниот земјотрес.

Автомобилот е целосно уништен и покриен со цигли, а медиумите јавуваат дека човекот бил свесен и дека сам излегол од автомобилот.

Во Петриња очигледна е сериозна материјална штета.

– Извлекуваме луѓе од автомобили, не знаеме дали има многу мртви и ранети, слушнав дека се урнала градинката, но за среќа немаше деца во неа. Постои општа паника, луѓето ги бараат своите – рече градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ, кој потврди дека во потресот загинало едно дете.

Тој ги повикува сите што можат да помогнат на Петриња, особено професионалните пожарникари и армијата.


Загреб остана без електрична енергија, граѓаните излегоа на улица

По силниот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала кој ја погоди Хрватска околу 12.20 часот поголемиот дел од Загреб остана без електрична енергија, има застој во сообраќајот, а луѓето панично излегоа на улиците.

Хрватските медиуми јавија дека земјотресот бил почувствуван и во Србија и во Словенија.

Засега нема информации за жртви и повредени, а оштетени се бројни објекти.


Земјотресот ја прекина прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука

Земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Хрватска се почувствувал и во Република Српска.

Поради потресот беше прекината и прес-конференцијата на градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ.

– Луѓе, ова е земјотрес, и тоа сериозен земјотрес – вели Станивуковиќ, додека сите панично излегуваат од просторијата каде што се одржуваше прес-конеференцијата.