Детето подготвено да влезе во морето, застанува откако неговиот поглед го привлекува противпожарниот авион што лета низ небото исполнето со чад. За многумина оваа фотографија направена од руски турист во Анталија го симболизира уништувањето од силните пожари кои го опфатија турското крајбрежје во изминатите осум дена, пишува „Гардијан“.
Фотографијата беше споделувана на социјалните мрежи при објавувањето на информации за пожарите за кои експертите велат дека се последица од климатската криза.
– Алах нека ги проколне оние што го претворија нашиот рај во пекол – гласи еден од коментарите на социјалните мрежи.
Осум луѓе загинаа, а беа уништени и шумски предели и обработлива земја во повеќе од 180-те пожари забележани во Турција. Огнот загрози и термоелектрана, а во справувањето со пожарите во Турција помогнаа противпожарни тимови и хеликоптери испратени од странство. Многумина го критикуваа одговорот на турските власти во борбата со пожарите.