Под мотото „Марш на националното единство, осуда на теророт и почит кон загинатите“, денеска беше организиран марш во знак на осуда на нападот што припадници на ПКК го извршија во руралните предели на местото Герџуш, во областа Батман, јави агенцијата Анадолија.
Маршот го организираа голем број невладини организации предводени од Платформата за мисла и верба.
Граѓаните кои се собраа пред Трговскиот центар „Батман парк“, со турски знамиња се упатија кон паркот „Ататурк“ извикувајќи слогани „Осуда на организаторите за проектот“, „Нема да ја поделите нашата татковина и нашето братство“, „Турците и Курдите се браќа, ПКК е предавник“ и други.
Граѓаните, за време на маршот развеаја и турско знаме со должина од 100 метри.
По маршот, на учесниците им се обрати портпаролот на Платформата за мисла и верба, Мехмет Ергин, истакнувајќи дека „терористичката организација ПКК, која е нечија алатка, не е за мир, и обидувајќи се да го поткопа процесот на изнаоѓање решение, продолжува да ги дестабилизира регионот и Турција“.
Маршот заврши со молитва за загинатите и интонирање на турската химна.
Во маршот учествуваа претставници на политички партии, академски професори, претставници на безбедносните сили, претставници на невладини организации и голем број граѓани.
Протестен марш беше организиран и во местото Сасон во областа Батман.
Припадници на ПКК во четвртокот активираа експлозивна направа поставена покрај пат во момент кога покрај неа минувало оклопно возило од типот „Кобра“, во кое се наоѓале војници што требало да учествуваат во операциите во руралните области на селото Јемишли во Герџуш и селото Умутлу во местото Даргечит во областа Мардин. Во експлозијата животот го загубија осум војници, а еден беше ранет.