Со интензивирањето на приказната за евентуалното решавање на косовското прашање сѐ погласни се изјавите за патот на независноста по кој би тргнала Република Српска. Најгласен во ова е претседателот на РС Милорад Додик, што од дел од јавноста во Босна и Херцеговина се толкува како негов предизборен спин. Меѓутоа, тој пред седум месеци во интервју за германски Дојче веле, изјави дека не е подготвен за војна кога е во прашање отцепувањето на Република Српска од рамките на БиХ, но, како што нагласи, постојат начини како да се направи тоа по мирен пат.
– Кога Додик зборува за разграничување, тој пред сѐ говори за поделба на Косово. Додик денеска ја претставува основата на српскиот национализам и е продолжување од политиката од деведесеттите. Додик сака прекројување на границите, секако тоа значи и поделба на БиХ во неговата визија. Тоа значи натамошно влијание на Црна Гора, тоа значи поделба на Косово. Демаркација, која би значела дека дел од северот на Косово би ѝ припаднал на Србија. Но поделбата на Косово би значела нестабилност на регионот – вели за Н1 Изабела Кисиќ од Хелсиншкиот одбор на Србија.
Со сличен став е и Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет „Џон Хопкинс“, според кого менувањето на границите на Балканот е отворање на Пандорината кутија.
– Системот, кој е воспоставен по Дејтон, не е совршен идеал што е избран, но е многу подобар од она што постоело пред одржувањето на оваа мировна конференција. Време е луѓето од Балканот да станат и да кажат дека не сакаат да трошат повеќе време на менување на границите, кои ќе исчезнат оној момент кога ќе ги оствариме главните стратегиски цели што се потребни за влез во НАТО и во Европската Унија – вели Сервер.
По најновата изјава на Додик од американската амбасада на САД јавно порачаа дека не е можно изедначување на независноста на Косово со онаа на Република Српска. Оттаму потсетуваат дека Дејтонскиот договор не им дава право на ентитетите на отцепување. Од амбасадата на Русија за промената на границите рекоа дека е хипотетичко прашање за кое не сакаат да коментираат, пренесува Н1.
Радио-телевизијата Србија, во понеделникот, повикувајќи се на изјавите на косовски функционери за медиумите во Приштина, објави дека косовската страна почнала со подготовките за демаркација со Србија.
– Подготовките за обележување на линијата со Србија почнаа по барање од косовскиот премиер Рамуш Харадинај, што подразбира собирање фактографска документација и изработка на стратегија – изјавил Шпејтим Булиќи претседател на Комисијата на косовската влада за демаркација на границата.
Приштинските медиуми соопштуваат дека на следниот состанок на косовскиот претседател Хашим Тачи со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел би можело да биде разгледано прашањето за корекција на границите.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во вчерашната изјава остро се спротивстави на најавите на претседателот на државата, Хашим Тачи, за корекција на границите со Србија. Тачи оцени дека таквите обиди се национално предавство и оти секој што посакува поместување на границите всушност повикува на војна.
– Да ја помести територијата на Косово нема мандат ниту претседателот Тачи, ниту кој било друг. Ќе ја прифатиме Прешевската Долина со задоволство ако Србија доброволно ни ја даде, но никој нема право да преговара за територијата на независната држава Косово – рече Харадинај.