Состојбата со новите инфекции предизвикани од делта-сојот во најголем дел од земјите од Балканот и понатаму е критична. Ова, меѓу другото, го наведуваат регионалните медиуми во своите извештаи на оваа тема, во кои информираат дека најкритично во моментов е во соседна Србија. Имено, според Б-92, голем број пациенти во Србија деновиве се најдоа во инфективните клиники каде што се лекува ковид. Сѐ повеќе од нив имаат симптоми на стомачен вирус, а подоцна излегуваат и инфицирани од ковид-19.
Д-р Александар Стојановиќ, директор на здравствениот дом, и д-р Милутин Ивковиќ, во емисијата „Јутро“ на телевизијата Прва, објаснија како пациентите со болки во стомакот излегуваат позитивни на тестовите.
– Вирусот повторно мутира. Луѓето што доаѓаа од летни одмори во текот на јули, август и септември, главно од Црна Гора, имаа проблеми со стомачни проблеми – рече тој, додавајќи дека во последните 10 дена, многумина од нив контактирале со својот матичен лекар поради стомачни проблеми и дехидрација, за подоцна да се покаже дека се позитивни на коронавирусот. Според податоците со кои располага доктор Стојановиќ, 90 отсто од заболените се невакцинирани граѓани.
Во меѓувреме, ништо поразлична не и здравствената слика и во другите земји од регионот. Рестрикции поради коронавирусот се во сила во грчките региони Солун, Халкидики, Кукуш и Лариса, бидејќи беа прогласени за „црвени“ области на грчката карта за процена на ризикот од ковид-19, пишуваат грчките медиуми. Генералниот секретаријат за цивилна заштита објави дека од 1 октомври до 8 октомври, жителите во четирите региони ќе бидат обврзани да ги следат итните ограничувања, кои вклучуваат полициски час во текот на ноќта и 24-часовна музичка забрана, во напорите да се спречи ширењето на коронавирусот.
Рекорди со инфекции бележат и другите земји, Бугарија, Црна, Гора и Албанија. Во исто време додека Романија го запиша рекордот на заразени и починати од коронавирусот викендов, илјадници луѓе протестираа во Букурешт, по повик од екстремната десница против „задолжителната вакцинација“.