Потпретседателката на Партијата за слобода и правда и пратеничка во српското собрание Маринка Тепиќ најави дека нејзината партија ќе предложи декларација за помирување меѓу Србите и Албанците, која треба да биде усвоена од парламентите во Србија и во Косово.

Тепиќ, во емисијата „Впечаток на неделата“, рече дека декларацијата е почеток на помирувањето на двата народа.

– Седум години не се поместивме ни милиметар до решението за Косово. Потребно е да се одвојат прашањето за статусот од прашањето за потребата на луѓето – нагласи таа.

За тоа дали протестите на опозицијата „Еден од пет милиони“ се пропаднати, пратеничката Тепиќ изјави дека тие „поминале во втората фаза“. Од почетокот на протестите досега се сменети неколку претседатели на општини, а тие го ставија до ѕид и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој беше принуден и да организира антипротести, појасни Тепиќ.


Во српските гимназии се воведува и кинески јазик

Кинескиот јазик најверојатно од први септември ќе биде воведен факултативно во сите гимназии во Србија, доколку Националниот просветен совет (НПС) даде позитивно мислење на предлогот на министерот за образование Младен Шарчевиќ, пишува „Политика“.
Претседателот на НПС, Радивое Стојковиќ, смета дека не постои ниедна причина предлогот да не биде прифатен, затоа што планот и програмата според која ќе се изучува кинескиот јазик во гимназиите се направени според стандардите што важат и за другите странски јазици што се изучуваат во српските училишта.
Програмата за воведување на кинескиот јазик е правена во соработка со експертите од институтот „Конфуциј“ и Филозофскиот факултет во Нови Сад, а доби верификација од Заводот за унапредување на образованието и воспитувањето.