Прогнози на регионалните аналитичари за косовско-српското прашање
Неколку дена откако се постигна договорот меѓу Белград и Приштина околу проблемот со регистарските таблички на северот од Косово, реакциите на експертската регионална јавност не мируваат. Балканските аналитичари се поделени со коментарите околу тоа кој добил, а кој изгубил, колку двете страни се блиску до трајно решение и дали ќе биде ефективен новиот договор за смалување на тензиите на северот од Косово.
Опозициските партии во Приштина се незадоволни од договорот Белград – Приштина. Како што јавува Б-92, албанските политичари остро го нападнаа премиерот на Косово, Албин Курти. Коментарите во тамошната јавност одат од тоа дека Србија ја постигната својата „ѓаволска цел“, па сѐ до оние што го обвинуваат Курти дека тој со новиот договор со Белград му нанел историска штета на Косово и мора да биде казнет.
Едита Тахири, лидерка на партијата Независно Косово, за косовските медиуми изјави дека Приштина капитулира како во 1990-тите години пред Белград и, според неа, статусот на земјата дополнително се искомпликувал.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Драгојуб Анѓелковиќ вели дека трајно решение е можно само ако двете страни се подготвени на компромис. Деблокадата на границите е само еден чекор до постигнување на крајното решение меѓу двете страни.
– Албанската страна досега не покажа подготвеност за компромис, таа бара максималистички услови за себе. Ако зборуваа за трајно решение, Западот прво ќе мора да ја скроти Приштина и не гледам дека тоа може да се случи за шест месеци, период за кој двете страни се обврзаа да ги завршат разговорите за конечен договор – рече тој.
За дипломатот Зоран Миливојевиќ, нема дијалог без бриселскиот договор.
– Договорот од Брисел создаде околина и платформа за разговори за нормализација, затоа мора да тргнеме од тоа и мора да се исполни докрај – тврди тој. Балканските медиуми на оваа тема пишуваат дека понатамошниот тек на дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе зависи многу и од волјата, но и од конзистентноста на Вашингтон и на Европската Унија.