Приспособувањето на енергетските стандарди е замислено пред сѐ за оние земји каде што тоа е релативно полесно остварливо и кои можат да го поднесат тоа со помал удар врз нивниот буџет. Земјите на Балканот што немаат можност да извршат брза транзиција за приспособување на зелената агенда стануваат зависни од странска помош за реализација на наложеното, но тоа води не само кон енергетска криза туку и кон многу подлабока и непредвидлива општествено-економска криза
Балканот оставен сам да се снаоѓа во напорите за постепено менување на изворите на енергија
Балканските престолнини, со почетокот на грејната сезона и падот на температурите, повторно се вратија на врвот на листата на најзагадени градови во светот. На највисокото место по загаденоста на воздухот е Сараево, кој беше најзагаден град во Европа и трет во светот, според податоците на швајцарски портал што го следи загадувањето во светот.
Светската здравствена организација издаде препораки за сите земји да изработат планови за контрола на квалитетот на воздухот за да се спречат зголемување на бројот на лицата со хронични болести и предвремена смрт. Во согласност со заложбите за примена на зелената агенда на Европската Унија, Секретаријатот за енергетска заедница изработи годишен извештај за примената на правилата на ЕУ во енергетиката, со кои се опфатени и земјите од Западен Балкан. Во последниот извештај за ноември 2020/ноември 2021, кај сите земји е констатиран напредок, од еден процент кај Косово до пет проценти во Србија и Албанија. Единствен пад во приспособувањето на енергетските стандарди има кај Црна Гора, од четири отсто, објави Радио Слободна Европа.
Тоа се бројките, се разбира ако се следи едниот агол на гледање на состојбите. Но, како што е случај во поголемиот дел неразвиени земји, медалот најчесто има две страни. Имено, приспособувањето на енергетските стандарди е замислено пред сѐ за оние земји каде што тоа е релативно полесно остварливо и кои можат да го поднесат тоа со помал удар врз нивниот буџет. Земјите на Балканот што немаат можност да извршат брза транзиција за приспособување на зелената агенда стануваат зависни од странска помош за реализација на наложеното.
Во тие рамки треба да се разгледа и ситуацијата со обновливите извори на енергија, која во целиот регион сѐ уште е во зародок. Првите обиди за поставување ветерници или фотоволтаични полиња се направени, но тоа е далеку од реалните потреби за да се направи замена на постојните извори. Токму затоа, дури и една Хрватска, која е членка на ЕУ, според тамошните еколошки активисти, не може толку лесно да се приспособи на новата ситуација. Според најновите процени за индексот за влијанието на климатските промени, Хрватка забележува назадување. Од минатогодишното 18-то место, Хрватска во најновите пресметки за индексот за ефектот врз климатските промени падна на 28-то место. Земјата, според оцените на експертите, е единствена членка на ЕУ без јасен план за постепено укинување на јагленот.
Лука Томац од загрепската невладина организација „Зелена акција“ предупредува дека хрватската климатско-енергетска политика и натаму е зависна од производителите на фосилни горива.
– Нашата моментална цел е до 2050 година да се намали националната емисија на штетни гасови за 76 отсто. Хрватска сѐ уште увезува јаглен за термоцентралата „Пломин“ и за тоа плаќа за дозвола за емисија на јаглерод диоксид. Постојат најави од Владата оваа термоцентрала да се затвори до 2033 година – вели Томац за Радио Слободна Европа.
Програмскиот директор на Институтот за обновлива енергија, Мирко Поповиќ, вели дека Србија како членка на Енергетската заедница имала обврска од 2010 до 2020 година да го зголеми уделот на обвновливи извори на енергија во финалната потрошувачка од 21 на 27 отсто.
– За овие десет години не е направен никаков напредок. Доколку во наредните десет години не направи транзиција кон зелената енергија, Србија ќе дојде во состојба да биде енергетски зависна и да купува струја однадвор. Лигнитот што сега го користиме е неквалитетен, а во подолните слоеви квалитетот е уште полош. Термоцентралите се сѐ постари. Следната година „Колубара А“ и ТЕ „Морава“ да бидат исклучени од системот, бидејќи им истече рокот за експлоатација во согласност со договорот за основање на Енергетската заедница – вели Поповиќ за „Нова“.
Очигледно е дека балканските земји немаат голем маневарски простор наспроти инсистирањето на меѓународната заедница да се премине на други видови енергија. Правилата што би требало да важат за побогатите земји, тешко се реализираат во земји што се оставени сами да се снаоѓаат во една ваква ситуација.