Во загребската инфективна болница „Др. Фран Михајлевиќ“, примени се двајца мажи под сомнение за коронавирус, соопшти денеска хрватскиот министер за здравство, Вили Берош.
Тој соопштил дека хоспитализираните лица засега немаат сериозни здравствени проблеми, а дали се заразени од коронавирус ќе се знае по спроведените испитувања и тестирања, објави порталот „Индекс.хр“.
– Едниот од нив престојувал во Кина повеќе од еден месец и таму имал вирусно воспаление, но оздравел. Сепак, кога се вратил во Хрватска почнал да кашла. Другиот е Кинез кој дошол од Белгија, а чија мајка била во Кина. Таа е здрава, а тој сега има некаква вироза – рече Берош.
Веројатно и двајцата ќе бидат ставени во карантин додека не се утврди за што точно се работи.
Досега во Хрватска се спроведени неколку тестирања на сомнителни случаи, но ниту еден од нив не бил коронавирус.