Во време кога и ОН и ЕУ немаат усвоено единствен став за кризата во Венецуела, најмалку што можеме да направиме е да не го менуваме нашиот став кон таа пријателска земја, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за денешниот број на „Вечерње новости“.
Изјавата на Дачиќ претставува реакција на вчерашниот став на лидерот на Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Ненад Чанак, кој упати прашање до Дачиќ и до премиерката Ана Брнабиќ по повод изјавата на шефот на српската дипломатија дека „Србија не размислува за промена на позицијата кон Венецуела“ и кон венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Според Чанак, ова е уште еден пример во кој Србија ја поддржува позицијата на Русија, а не на Европската унија.
– Негативното сопствено искуство од блиското минато нè обврзува да не се мешаме во внатрешните работи на суверените држави. (Ненад Чанак) тоа сигурно не го разбира, бидејќи на времето отиде во Каталонија да го подджи референдумот за отцепување од Шпанија, која исто така е наш пријател – изјави Дачиќ.
На изјава на Дачиќ, денеска реагираше Чанак во пишана изјава, во која го критикуваше министер за надворешни работи дека српската дипломатија под негово водство „е невешта во работите на заштита на интересите на Србија“ и дека тоа е очигледно и во случајот со Венецуела.
– Лутањето на Дачиќ во надворешната политика лесно се забележува во случајот на Венецуела. Наместо да ја поддржи позицијата на европските земји, кои побараа од претседателот на Венецуела Николас Мадуро, да распише слободни и фер избори, министерот се одлучи да го поддржи рускиот став – смета Чанак.
Тој оцени дека Дачиќ „се одлучил за флоскули за пријателството на нашите земји“, наместо да и одговори на јавноста на Србија „зошто го поддржува узурпаторот Мадуро, кој го лиши од власт Парламентот во кој го изгуби мнозинството и именуваше свое лојално Уставотворно собрание“.