Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека постои притисок врз Србија оваа или следната година да постигне некаков договор со Приштина, при тоа додавајќи дека Белград нема да тргува во врска со Косово и Метохија заради членство во ЕУ.
Дачиќ за Радио-телевизија Србија(РТС) рече дека државите кои ја признале еднострано прогласената независност на Косово, грешат кога тврдат дека тој процес е неповратен.
– Како може да биде неповратен ако има земји кои ја повлекуваат одлуката за признавање? Голем број земји денеска размислуваат за одлуката да го признаат Косово. Многу од нив имаат слични проблеми, како Папуа Нова Гвинеја која има референдум за отцепување на дел од својата територија. Кога таквите проблеми ќе чукнат на нивната врата, мораат добро да размислат за признавањето на Косово – рече Дачиќ.
Според него, за Србија е многу важно да го одржува бројот на земји што не го признале Косово.