Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации за Косово повика на дијалог и решавање на косовскиот проблем по мирен пат со пронаоѓање компромисно решение, пренесува „Танјуг“.
Тој истакнал дека состојбата на Косово и Метохија е далеку од безбедна и стабилна и поради тоа, како што рекол, не треба ни да се размислува за намалување на мисијата на УНМИК.
Дачиќ на седницата предупредил дека, според сознанијата на Србија, приштинските власти спремаат напад на северот на Косово и ги повикал Обединетите нации сериозно да го сфатат неговото предупредување.
-Сакам сите тука да бидете свесни и да ја запрете приштинската воена машинерија пред да предизвика ново крвопролевање. И да ве потсетам дека задачата на КФОР е да ги заштити безбедноста и мирот на сите, па и на Србите во Косово и Метохија. И барам одговор од вас дали ќе го направите тоа или не затоа што сум сигурен дека можете, рекол Дачиќ.