– Ако некој не ја притисне Приштина, нема да има ниту дијалог, ниту решение, порача министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ во интервју за српската новинска агенција Танјуг.
На прашањето дали се очекува некој вид решение во кој било формат во наредната година, Дачиќ вели дека не се очекува, освен „ако некој не ја притисне Приштина“.
– Тоа што мислам дека е добра работа е што сега може да се види каква е реалната состојба и кој овде претставува проблем. Но, ниту овде не треба да се очекува од некои земји да ја менуваат политиката што ја имаа кон овој простор, вели Дачиќ.
Тој притоа потсетува дека новото раководство на американската администрација, на чело со претседателот Доналд Трамп, има желба да го реши ова прашање.
– Некој претходен претседател би напишал писмо на Вучиќ во кое би му порачал дека мора да го признае Косово и да го реши проблемот. Но, Трамп напиша дека треба да се дојде до решение кое е во интерес и на Србите и на Албанците и тоа е таа голема промена, вели Дачиќ.
На прашањето на која поддршка се надева Приштина кога цврсто се држи до ставот да не ги повлече таксите на српската стока, што е услов на Србија за продолжување на дијалогот, Дачиќ одговара дека тие сметаат на западни ментори, но се прашува кој во светот може да ги поддржи тие мерки и одбивањето воопшто да се дојде до компромис.
Српскиот министер за надворешни работи истакнува дека на Србија и е потребна внатрешна политичка стабилност и добри односи со најголемите светски сили. Тој вели дека токму затоа Србија се однесува конструктивно и одговорно.
– Ние сакаме мир и стабилност. И затоа не презедовме ниту една мерка, не направивме ништо што би било на штета на другите, вели Дачиќ во интервјуто за Танјуг и истакнува дека не може да се очекува Србија да води политика која е во интерес на туѓите, а не на нејзините национални интереси.