Приказната за бугарските момчиња од Харвард не е прв пример во балканските земји кога млади и високообразовани луѓе од светските универзитети се претставувани како „спасоносно“ решение за политичките и економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните во балканските земји
Нови ѕвезди на балканското политичко небо
Кирил Петков и Асен Василев се новите ѕвезди во Бугарија, кои со метеорска брзина се искачија на домашната политичка сцена. Момчињата од Харвард по само два месеца од формирањето на партијата Продолжуваме со промените ја стекнаа довербата кај една четвртина од бугарските граѓани, кои одлучија да им го доверат мандатот за формирање на идната влада на Бугарија. Политичката популарност ја стекнаа како министри за економија и за финансии во привремената влада, која беше формирана во јули, по длабоката политичка и парламентарна криза. Очекувањата на бугарските граѓани се големи, а пред Петков, кој е економски консултант и основач на компанија за пробиотици, и неговиот политички партнер Василев, кој е претприемач и деловен консултант, претстојат голем број предизвици, како што се справување со високата корупција и надминување на здравствената криза поради коронавирусот и на лошата економска состојба во која влезе најсиромашната членка на Европската Унија.
Свесни за преголемиот товар што го носат со влегувањето во политичката кампања за освојување на власта, тие во изборната кампања се обидуваа да не даваат преголеми ветувања за граѓаните, на кои им кажуваа дека не можат да направат невозможни работи, или, како што самите велеа, „не можат од водата да направат вино“.
– Им покажавме на Бугарите две работи: дека не се плашиме и дека знаеме како да направиме. Само ни треба повеќе време. Тоа е како влегување во продавница и да добиете рекламен примерок пред да го купите производот. Им понудивме бесплатен примерок на бугарските граѓани на четири месеци – изјави Петков за „Политико“.
Ова не е прв пример во балканските земји кога млади и високообразовани луѓе на светските универзитети се претставувани како „спасоносно“ решение за политичките и економските проблеми со кои се соочуваат граѓаните во балканските земји.
На долгата листа на странски дипломци што се обидоа и во „балканската политика“ беше и Божидар Ѓелиќ, кој во владата на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ влезе со стекнато искуство како советник за реформи во владите на Полска, Русија и Романија, а работеше и во една реномирана консултантска агенција. Покрај финансискиот ресор, ги покриваше и секторите за економија, наука и технолошки развој. Беше и главен преговарач со Европската Унија, како потпретседател за евроинтеграции во српската влада. По неуспехот Србија од Европскиот совет да добие кандидатски статус, поднесе оставка од функцијата. Во 2020 година е исклучен од Демократската партија и заминува во политичка анонимност!
Политичките партии често сакаат да го (ис)користат знаењето што нивните кандидати го стекнале на странските факултети како поволна политичка референција за освојувањето на гласовите за локалната или централната власт. Таков пример е и минатонеделната победа на опозицискиот кандидат Перпарим Рама, архитект што е образован во Велика Британија, кој му нанесе пораз на противкандидатот од партијата на косовскиот премиер Албин Курти.
– Овде не се работи само за образованието туку за начинот на кој барате одредени стандарди при креирање политика и бизнис. Мора да има јасна врска со дијаспората, која е заинтересирана да ги стави работите во својата татковина на добар пат. Ова може да поттикне промени заедно со јасна политичка визија. Исто така, во овие времиња на транзиции кон онлајн услуги, кои можат да се направат од каде било, ја намалува и зависноста од локалните лидери – ни изјави универзитетскиот професор Михал Вит, запрашан како ја толкува оваа појава на политичката сцена на Балканот.
За тоа дали Македонија може да го следи примерот со Бугарија со внесување нови лица во политиката, свое мислење има и професорот по социологија и комуникации и поранешен заменик-министер за образование Петар Атанасов. Тој смета дека тие луѓе можат многу да помогнат за надминување на сегашните состојби што владеат во регионот.
– Помодерни политичари можат да донесат свежина во политиката, да промовираат и да разменат нови идеи. Тоа е едниот аспект. Вториот е дека секоја нација почива на почитување на сопственото достоинство, историја и идентитет. Мора да погледнеме напред, но на балканските простори доминираат историските заблуди. Едно е да се поседува диплома, а друго се политичките состојби – вели Атанасов.
Во однос на Македонија, тој вели дека ние не ги користиме доволно потенцијалите на нашите образовани кадри низ светот.
– Владата и Министерството за образование одвојуваат големи суми за специјализација на наши научници на престижни универзитети во странство, но не сум видел дека некој се вратил и ги користиме неговите нови знаења во нашите институции. Потребно е да се отворат институциите за нивно целосно ангажирање. И во минатите влади имаше обиди да се привлечат некои поединци, но тие не се снајдоа добро во нашите политички состојби. Познавам и многу интелектуалци во нашата домашна средина што не се доволно искористени. Сѐ уште политиките се носат во партиските штабови, а политичарите што се на функција не примаат совети од други – заклучува Петар Атанасов.