Во Хрватска некои уставни судии ја оспорија одлуката со коja на граѓаните им се оневозможува да гласаат доколку се позитивни на коронавирусот. Прашањето за легитимитетот на изборниот процес во време на епидемија се поставува и во Србија
Може ли состојбата со епидемијата на коронавирусот и зголемувањето на бројот на заболени и на лицата во самоизолација да влијае на резултатот и да го доведе во прашање легитимитетот на изборите што се спроведуваат во земјите од Западен Балкан? Неколку уставни судии во Хрватска ја оспорија одлуката на Државната изборна комисија за граѓаните што покажуваат какви било симптоми од ковид-19 да бидат исклучени од изборниот процес в недела, на 5 јули. Нивниот став е дека со оневозможување на остварувањето на правото на глас се доведува во прашање регуларноста на изборите. Во Србија прашањето за легитимитетот на идната парламентарна и извршна власт се поставува од страна на опозицијата, која се повикува на „нискиот одзив“ на гласачите. Се чини дека овие прашања ќе бидат актуелни и во Македонија, по одржувањето на изборите, кои се закажани за 15 јули, а кои ќе се спроведат во специфични здравствени услови, поради високиот дневен пораст на заболени лица од вирусот, што, секако, ќе влијае на луѓето дали ќе се одлучат да го остварат своето гласачко право.
Двајца уставни судии во Хрватска одлуката на изборните органи ја сметаат за неуставна поради ограничување на основното човеково право на гласање. Според претседателката на Катедрата за уставно право на Правниот факултет во Риека, Сања Бариќ, случаите за исклучување на гласачите позитивни на вирусот се повод да се расчисти и долгогодишната практика за исклучување на инфективните пациенти од избирачкиот процес.
– ДИК остана на својот став за заштита на здравјето на граѓаните, но сметам дека тоа е уставноправно неприфатлива одлука, со која се ускратува правото на гласање на лицата заразени или за кои се сомнева дека се заразени. Ова право може да се ограничи поради заштита на јавното здравје, но на начин да биде „пропорционален“ и да не биде уништена суштината на правото на глас. Сметам дека е можно да се пронајде разумно решение за гласање на болните од коронавирусот, исто како и за лицата во самоизолација. Но ако станува збор за заразна болест од типот на ебола и да мора да се облече заштитен скафандер, тоа не е разумна одлука – изјави Бариќ за агенцијата „Хина“.
Уставниот експерт Бранко Смердел, во изјава за „Индекс“, смета дека ДИК го отежнала и остварувањето на правото на лицата што се ставени во изолација и кои треба да се пријават во локалните избирачки органи за да се пријават за гласање пред нивниот дом. За него е спорно тоа што централната изборна комисија во Хрватска, остварувањето на правото на глас на овие лица го условува со кадровските можности за да се стигне до секое лице што е во самоизолација. Овде е спорно тоа што може да се прави и „политичка“ селекција за тоа кај кој гласач треба да се упатат членовите на изборниот одбор, што дава сомнеж за регуларноста на изборниот процес.
– Тие што се заразени на денот на изборите нема да гласаат, така е веќе 30 години. На ниедни избори досега не е овозможено 100 отсто гласање на лицата што не се во состојба да излезат на избирачките места – изјавија од ДИК.
Политичките партии во Србија што одлучија да ги бојкотираат последните парламентарни избори, кои се спроведоа под изменети здравствени услови, а на кои партијата на Александар Вучиќ освои убедлива победа, ги оспорија резултатите од гласањето. За нив е спорен нискиот одзив на денот на гласањето, кој е околу 50 отсто од вкупно запишаните гласачи, што може да ѝ се препише и на епидемиолошката состојба во земјата, која одврати значителен број граѓани да го остварат правото на глас. На легитимитетот од гласањето на прегласувањето на 234-те избирачки места во Србија, посочуваат од невладините организации, кои на минатите избори редовно имаа свои претставници што ја следат регуларноста на гласањето. Набљудувачката мисија на „Црта“ побара од државните и здравствените власти и од Републичката изборна комисија да се изјаснат за условите за безбедно гласање, поради зголемениот број заболени лица по спроведувањето на парламентарните избори.
– Веруваме дека грижата за здравјето на граѓаните мора да биде апсолутен приоритет. Ние имаме одговорност кон луѓето и нашите членови на граѓанската мисија што треба да бидат распоредени на гласачките места и затоа ние нема да го надгледуваме гласањето на први јули – соопштија од „Црта“.
Со политичка оцена за повторувањето на гласањето се јавија од опозицискиот блок Сојуз за Србија, кој ги бојкотираше изборите, и побараа да не се одржи гласањето, поради влошената здравствена состојба во Белград. Резултатите на повтореното гласање може да влијае на новиот парламентарен состав, бидејќи неколку партии се на работ да го преминат изборниот праг. Ова има и политичка важност, затоа што партиите од досегашната владејачка коалиција на СНС и СПС остварија огромно мнозинство и оставија мал простор за дејствување на партиите од опозиција.
Меѓутоа, од меѓународната заедница не ги оспорија изборните резултати во Србија, и покрај некои забелешки околу предизборниот амбиент во земјата, кои, главно, се однесуваа на медиумската застапеност на опозициските партии.
Големите партии во Македонија подолго време се убедуваа дали и кога треба да се спроведат парламентарните избори. Каков ќе биде процентот на одзивот на денот на гласањето, поради неповолната здравствена слика во земјата, е неизвесно. Од Државната изборна комисија беше испратено известување за лицата што се наоѓаат во домашен карантин или се во самоизолација, а кои сакаат да гласаат да се јават во изборните органи седум дена пред изборите на 15 јули. Гласањето за овие лица ќе се спроведе во нивните домови на 13 јули.