Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во најновиот извештај за Косово ја поздрави одлучноста на Белград и Приштина преку дијалог да дојдат до нормализација на односите, но предупреди дека во изминатите три месеци биле забележани неколку инциденти како резултат на меѓунационални тензии.
„Безбедносната ситуација во Косово, во периодот опфатен со извештајот, е мирна, иако меѓунационалните тензии во неколку наврати прераснаа во инциденти, наведе Гутереш во редовниот тримесечен извештај за состојбата во Косово.
Генералниот секретар во извештајот, во кој имала увид РТС, ги пофали лидерите на Србија и Косово за одлучноста која ја покажале во процесот на решавање на отворените прашања.
Тој наведе дека изјавите на српските и косовските лидери за разграничување предизвикале грижа кај косовските Срби, а наведе дека реакции има и во регионот и меѓународната заедница, кои варираат од повик за преиспитување на сите можности кои би воделе до решение, до сериозна загриженост од можните последици по стабилноста во регионот поради територијалните корекции. ссм/