Грција сака да ги заштити производите кои се продавани како нејзини брендови, откако не успеа да го заштити јогуртот што го искористија меѓународните компании, пренесува кинеската агенција „Синхуа“.
Грчкиот министер за земјоделство и храна, Ставрос Араховитис, истакна дека Грција пропуштила да го заштити јогуртот според прописите на ЕУ, како што е, на пример, случајот со сирењето фета, па затоа владата сака да ги сочува производите од имитации.
– Задоцнивме со обележувањето на јогуртот. Нашата земја е во процес на воспоставување на заштитена географска индикација (ПГИ) во Европа. Таа ќе биде заштитена и во меѓународните договори што ЕУ ги потпишува со трети земји – изјави Араховитис за „Синхуа“.
Грција веќе оствари „победа“ над Чешка во врска со јогуртот, откако чешките власти се согласија да се водат според прописите на ЕУ, односно да ги известат млекарите во државата дека не можат да ги етикетираат производите како грчки јогурт. Прописите на ЕУ важат само на Стариот континент, но не и во САД, каде што одредени компании ја преземаа продажбата на „грчкиот јогурт“.
Околу 107 грчки производи се регистрирани во Унијата (од кои 31 имаат статус ПГИ) додека уште шест чекаат одобрување, според податоците од ЕУ.