Во соопштение под наслов „Давајќи му предност на националниот интерес: трезвено и стабилно“, Министерството за надворешни работи на Грција, реагира за одлуката на Москва да протера двајца грчки дипломати, но и детално и опширно ги коментира последните случувања во грчко – руските односи, јави дописничката на МИА од Атина.
Ова, воедно е и прво официјално соопштение од грчкото МНР откако се заладија односите меѓу Грција и Русија.
– Грција цврсто се стреми кон добри односи и соработка со нејзините соседи за да ги реши долгогодишните проблеми како што е проблемот со името, во корист на самата земја, на Балканот, на Европа и на сите народи. Русија, во овој момент, се чини дека не може да ги сфати принципиелните позиции на грчката надворешна политика. Откако почна да се бори како воен сојузник на Турција и ѝ обезбедува низа олеснувања во областа на безбедноста, се чини дека стабилно се оддалечува од позициите што се соодветни на нивото на пријателство и соработка што ги карактеризираат односите Грција–Русија веќе 190 години. Се чини дека не сфаќа дека Грција има нејзини интереси и критериуми во меѓународната политика, соопштуваат од грчкото МНР и додаваат дека во овие рамки треба да се толкува одлуката на Русија да протера дипломати од грчката амбасада во Москва
Во соопштението од Министерството за надворешни работи на Грција, пишува дека одлуката на руското МНР не се базира на докази (како што е случај со грчката страна), туку е „своеволна и одмаздувачка“, а официјална Атина, „трезвено и трпеливо“ ќе одговори на мерките од официјална Москва.
– Сакаме да ги потсетиме пријателите Руси дека ниту една земја во светот немаше да толерира обиди за: а) поткупување на државни функционери, б) поткопување на нејзината надворешна политика, в) интервенции во внатрешноста на нејзината земја. Грција презеде мерки само откако регистрираше опипливи обвинувачки податоци. Освен тоа самата никогаш не интервенираше или се обиде да интервенира во внатрешните случаи на Русија. Очигледно е дека постои дел од Русите, за среќа мал, кои мислат дека можат да се движат во Грција без да ги почитуваат законите и правилата, па дури и да шират закани. Грчко-руското пријателство налага напуштање на такви визии, а не на спротивното, пишува во соопштението од грчкото МНР, а како пример го наведуваат случајот „со обидот да се наметне во Грција, присуството на Православното императорско палестинска друштво, организација формирана во ЏИЏ век од тајните служби на царевите“.