На годинашниот Меѓународен саем во Солун немаше штандови на фирми од соседните Македонија и Албанија
За Грција соседните земји на Балканот се важни пазари, вклучувајќи ги и Македонија и Албанија, и во овие земји се присутни многу грчки компании, но малкумина сакаат да зборуваат за тоа во медиумите, пишува во поднасловот на текстот објавен од српската редакција на „Дојче веле“, во кој се дава слика од годинашниот Меѓународен саем во Солун, на кој отсуствуваат штандови на фирми од овие две соседни земји.
Зборот Балкан некако не се вклопува во сфаќањата на грчките производители, а ни потрошувачи. Историските и политичките конфликти внесоа раздор меѓу луѓето, иако економијата не посветува многу големо внимание на тоа, забележува авторот на текстот.
Христос Никас е професор по економија на Македонскиот универзитет во Солун, кој се занимава со проблемите во меѓународната трговија. Според него, Балканот е важен за грчката економија. По распаѓањето на Југославија, Албанија и Македонија се развиваат во важен партнер за грчките фирми. Во деведесеттите години, во трговска смисла, Македонија за Грција била позначајна од Канада. Денес, Албанија и Македонија заедно се поважни од САД.
– Присуството на грчкиот капитал во Албанија и во Северна Македонија тогаш беше големо. Наспроти напнатоста меѓу Атина и Скопје поради името, од потпишувањето на Привремената спогодба во 1995 година, постојат живи економски односи меѓу двете земји. Така, во Северна Македонија инвестираше и грчката Национална банка. ОТЕ, грчката телекомуникациска компанија, ја купи тамошната фирма. Големи инвестиции имаше и во Албанија. Тоа се односите во времето пред економската криза во Грција, која подоцна имаше страшни последици – објаснува Никас.
Емануел Влахојанис, потпретседателот на Индустриската комора во Солун, вели дека овој пазар има потенцијал, но е не е толку голем оптимист. За разлика од Бугарија, Албанија и Македонија не се земји-членки на ЕУ, а контролите на границите се построги, што го ограничува протокот на стоките.
Ни Влахојанис не верува дека политичките судири ја ограничуваат трговијата. Грција, пред сѐ, има друг проблем.
– Приходите на граѓаните во овие две земји се ниски. Трговијата е можна таму каде што има куповна моќ – вели тој.
Сепак, грчките инвеститори не се откажуваат од вложување во Македонија, која е привлечна поради ниските даноци и евтината работна сила. Најголемите трговски синџири и бензински пумпи се во сопственост на грчки компании, кои секоја година инвестираат повеќе од половина милијарда долари.
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас последните години промовираше пријателски курс кон Балканот и инсистираше на економска соработка. Актуелниот претседател на грчката влада не сака ништо да менува во оваа насока, но во своите јавни настапи е воздржан за прашањето за Балканот. Премногу позитивни тонови за односите со Македонија нема да наидат на добар одзив кај неговите конзервативни гласачи. Но трговците не се занимаваат со ваквите идеолошки препреки. Прашањето е кои можности не се искористени од двете страни, се заклучува на крајот на текстот на „Дојче веле“.
Државјанство за купување недвижен имот
За привлекување инвестиции, грчката влада размислува да донесе закон за доделување грчко државјанство и грчки пасош за странците од трети земји што ќе купат недвижен имот во Грција во вредност од најмалку два милиони евра, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Идејата на Владата е физички и правни лица да ја одберат Грција како нивно место на живеење, каде што и ќе се оданочуваат нивните приходи.
Оваа идеја на грчката влада е независна од веќе постојната златна виза, која предвидува петгодишна дозвола за престој за странските државјани што стекнуваат недвижнина во Грција во вредност од најмалку 250 илјади евра.