Грчкиот европратеник Јоанис Лагос, поранешен член на неонацистичката партија „Златна зора“, беше уапсен во Брисел откако му беше одземен пратеничкиот имунитет, тврдат извори од грчката полиција.
Лагос беше осуден во Грција на 13 години и осум месеци затвор како еден од водачите на „криминална организација“, а против него беше распишана меѓународна потерница. Според грчки извори, тој бил „уапсен во Брисел“.
Веста за апсењето на грчкиот европратеник следеше откако синоќа Европскиот парламент го укина имунитетот на Лагос. На тајно гласање, 658 пратеници гласаа за укинување на имунитетот, 25 беа против, а десет беа воздржани.
Постапката е покрената на барање на грчките власти, кои мораат да издадат европска потерница за Јоанис Лагос. 48-годишникот е меѓу 40-те членови на „Златна зора“ кои беа осудени во октомври по пет и пол годишно судење.
– Јас сум во полициско возило, крадци, атеисти, антигрци ќе ме затворат – напиша денес на Твитер Јоанис Лагос.
Лагос, како и целото раководство на „Златна зора“, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во Атина во септември 2013 година. Тој беше ослободен на условна казна 18 месеци подоцна, додека чекаше судење. Имаше пратенички имунитет од јули 2019 година, кога беше избран во Европскиот парламент како претставник на „Златна зора“, која ја напушти неколку месеци подоцна.
Лидерот на „Златна зора“, Никос Михалолијакос и повеќето осудени се во затвор, но другиот човек на таа организација, Христос Папас, сè уште е во бегство, пишуваат медиумите во регионот.