Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повика на воздржаност и смиреност по насилните судири меѓу полицијата и демонстрантите што избија синоќа за време на протестите во Атина.
– Заслепениот гнев не води никаде – рече Мицотакис во видеопорака на Твитер.
Тој додаде дека „тажните слики на насилство“ видени за време на протестите во Атина мора да бидат последните на кои би биле сведоци грчките граѓани.
– И животот на еден наш сограѓанин, млад полицаец кој беше во опасност, треба да не разбуди – рече Мицотакис.
Демонстрантите излегоа на улиците откако беше објавено видео на социјалните мрежи, на кое наводно се гледа како полицијата му се заканува на маж во неделата, пренесува грчки „Катимерини“.
Четворица грчки полицајци беа повредени, од кои еден сериозно во судири со демонстрантите во атинската населба Неа Смирна, а по тој повод беа уапсени десет лица.
Според државната телевизија ЕРТ, напаѓачите со качулка фрлале молотови коктели кон полицијата, која одговорила со солзавец.