Повеќе од 227 пожарникари, пет хеликоптери и шест канадери се борат со огнената стихија на Евија. Се гаснат пожари и на Тасос, како и во близина на Теба.
Силниот ветер и непристапниот терен ги отежнуваат напорите на пожарникарите да се изборат со пожарот кој зафати шума, опфатена со програмата ЕУ Натура 2000.
Голем пожар ја опустоши боровата шума на грчкиот остров Евија, каде како мерка на претпазливост евакуирани се два манастири и две села. Густ чад ја прекри и Атина, која е оддалечена 110 километри.
Пожари неконтролирано избија во четири грчки региони, а пожарникарските служби во последните три дена гаснеа 182 пожари.
Претставници на цивилната заштитна служба ги предупредија луѓето во погодените области, посебно повозрасните, децата и хронично болните, да останат во затворен простор и да ги подесат клима уредите така што ќе се користи само воздухот од просторијата.