Речиси 200 холандски туристи го замениле карантинот во својата земја за осумдневно доброволно затворање во грчко одморалиште. Тоа е тест што треба да покаже дали може да се организираат безбедни одмори за време на пандемијата на ковид-19, пишуваат медиумите во регионот.
Учесниците на пробен одмор од 399 долари добиваат целосен пансион, вклучително и пристап до базен, ресторани и други објекти. Покрај редовните тестови на коронавирус и почитувањето на оддалеченоста од еден и пол метар, туристите не смеат да го напуштаат одморалиштето. И покрај ограничувањата, побарувачката за патувања беше голема и се пријавија околу 25.000 луѓе, информираат медиумите.
Грција, која практично е зависна од туризмот, сака да ги привлече луѓето назад по катастрофалната 2020 година, при што бројот на посетители падна на една четвртина во споредба со нивото од претходната година.
– Многу е важно луѓето да почнат да доаѓаат кај нас – вели Константинос Тераслиас, заменик-градоначалник на Родос, четвртиот по големина грчки остров.
Холандскиот оператор, кој го организира ова патување поддржано од владата, се надева дека експериментот ќе покаже дека луѓето сè уште може да уживаат во својот одмор, дури и под строги безбедносни мерки и да го отворат патот за повторно отворање на туризмот.
– Ова е многу важно за туристичката индустрија. Не мислам дека многу компании ќе преживеат уште едно лето без патувања – рече извршниот директор на „Санвеб“, Матијас Тен Бринк. Сепак, тој посочи дека затворањето луѓе во одморалишта веројатно нема да биде долгорочно решение.
Во меѓувреме, на Родос локалното население неизвесно ги чека холандските туристи.