Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос наредил распоредување на дополнителен број војници на островите во источниот дел на Егејското Море и во реоните долж копнената граница со Турција, во услови на зголемени тензии меѓу Атина и Анкара.
Каменос најави дека на островите и во реонот на реката Марица ќе бидат распоредени дополнителни 7.000 војници.
– Доколку се обидат да оспорат и една педа од нашата територија, ние Грците ќе ги уништиме обединети – изјави Каменос во обраќање пред учесниците на воената вежба на грчката армија на островот Икарија.
Според Каменос, целиот грчки народ мора да биде внимателен поради „непријателот кој продолжува да провоцира“.
– Не се плашиме и нема да паднеме на колена поради нивните провокации, закани и навреди. Тие само не прават посилни – изјави Каменос, кој е лидер на десничарската партија Независни Грци, која е помалиот владин партнер на Коалицијата на радикалната левица (Сириза) на грчкиот премиер Алексис Ципрас.