Од денеска во осум часот границите со Грција ќе бидат отворени за српските државјани, а престојот во грчките одморалишта ќе биде под определени услови. Српските туристи можат да влезат во Грција на премините со Бугарија: Промахонас и Нимфеја. Тие по пристигнувањето на своето одредиште мора да останат само во местото во кое имаат резервирано сместување. Овие правила ќе бидат во важност до 14 мај, за кога се најавени нови олеснувања за престој во грчките одморалишта.
– За влез им е потребна потврда за извршена вакцинација против ковид-19 или негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа пред доаѓањето во земјата. За патување во Грција треба да се пополни ПЛФ-формулар 24 часа пред доаѓањето во земјата. И натаму ќе се прави слободен избор за тестирање на туристите. Гостите ќе мора да ги почитуваат препораките и рестриктивните мерки што важат за државјаните на Грција – изјави Татјана Матиќ, министерка за туризам на Србија, за весникот „Новости“.
Александар Сенечиќ, директор на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија, вели дека засега нема договорени и планирани патувања за Грција за Велигден и за Први мај.
– Мерките полека ќе попуштаат од 19 април, а од мај да бидат отворени и премините со Македонија. Тогаш ќе се признава и антигенски тест, а не само негативен ПЦР. Потребните формулари може да се симант од официјалниот сајт на грчкото министерство за туризам и треба да се пополнат 24 часа пред влегувањето во земјата – вели Сенечиќ.
Министерството за туризам на Хрватска ја почна акцијата „Хрватските острови – зони без ковид-19“, а наскоро на посебната веб-страница ќе бидат достапни и посебни податоци за епидемиолошката состојба на островите. Моментално, на епидемиолошката мапа на Хрватска островите се прикажани како места со пониска инциденција, во однос на другите места што имаа поголема преносливост на коронавирусот.
Министерката за туризам и спорт Николина Брњац истакнува дека важноста на островите за туризам е голема, бидејќи четвртината од туристичките ноќевања во Хрватска се остваруваат на островите, а престојот на туристите е за два дена подолг од туристичките места на копното.
– На островите се наоѓаат третина од комерцијалните сместувачки капацитети и затоа е важно да имаме точни информации за епидемиолошката состојба на сите острови, од кои многу се и зелени зони. На овој начин на туристите ќе им овозможиме детален и јасен увид за сигурен и безбеден престој во Хрватска – изјави Николина Брњац.