Во Грција утрово од 7 часот, отворени се гласачките места за вториот круг локални избори во општините и регионите, каде не се избрани градоначалници во првиот круг, што на 26 мај беше одржан заедно со изборите за Европскиот парламент.
Денеска се гласа во седум региони, 227 општини, вклучувајќи ги и двата најголеми градови во Грција, Атина и Солун.
Во грчкиот главен град, во првиот круг, кандидатот на опозициската Нова демократија, Костас Бакојанис освои 42,65 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат од владејачката СИРИЗА, Насос Илиопулос 16,98 проценти.
Николаос Тахиаос од Нова демократија и независниот кандидат, Зервас Константинос ќе ја водат битката за градоначалничката фотелја во Солун.
Разликата помеѓу нив во првиот круг изнесуваше 7,47 проценти во корист на Тахиаос.
Кандидатката на СИРИЗА за градоначалник на Солун, Катерина Нотопулу не успеа да влезе во вториот круг, бидејќи според бројот на гласови во првиот круг заврши на четвртото место.
Во Грција по локалните, ќе бидат спроведени и предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 7 јули.