Грција планира да побара одржување вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, поради одлуката на Турција да започне сеизмичко истражување во спорната област на источниот Медитеран, соопштија од канцеларијата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Грција и Турција имаат сосема различни погледи за тоа од каде почнуваат и каде завршуваат нивните морски граници, а тензиите ескалираа во понеделникот, откако турската морнарица објави дека нејзиниот брод „Орук Реис“ ќе спроведе истражувачко дупчење во наредните две недели, пренесува „Ројтерс“.
Грчкото Министерство за надворешни работи ја повика Турција веднаш да престане со нелегалните активности што, како што е наведено, го поткопуваат мирот и безбедноста во регионот. Од друга страна, Турција ги отфрли тврдењата на Грција, изјавувајќи дека тие се неосновани.
Грчкиот премиер Мицотакис разговараше со министерот за надворешни работи Никос Дендијас и побара итна средба на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, рече дека конечната одлука за состанокот ќе следува по консултациите на министрите, а нивната редовна средба треба да се одржи на 27 и 28 август.
– Се согласивме дека ситуацијата во Источниот Медитеран е исклучително загрижувачка и мора да се реши преку дијалог, а не со серија потези што ги зголемуваат тензиите. ЕУ е во целосна солидарност со Грција и Кипар – рече портпаролот на Европската комисија, Петер Стано.