Граѓанските протести во Црна Гора ги доведоа партиите од опозицијата до одлуката да постигнат единство и наместо во меѓусебно напаѓање и обвинување, своите активности да ги насочат кон заедничко политичко дејствување против владејачката Демократска партија на социјалистите. Повеќето од опозициските партии јавно ги поддржаа досегашните мирни протести на граѓаните и ги испочитуваа барањата на организаторите, на протестите да доаѓаат без партиски обележја.
– Граѓанските протести овозможија да се создаде слика за опозициско единство и им покажаа на партиите дека не можат да добиваат лесно поени со меѓусебното напаѓање. Засега нема видливи обиди за ставање на протестите во партиски контекст. Од друга страна, опозициската сцена не е идилична и сѐ уште има некои дисонантни тонови – вели Јована Маровиќ, директорка на „Политикон мрежата“.
Партиите од опозицијата треба да водат сметка со своите несогласувања и напади за да не се вратат на состојбата кога беа разединети. Спонтаните протести покажуваат дека граѓаните бараат темелни промени во однос на промената на власта, што е еден од основните постулати на демократијата, додава таа во изјава за „Вијести“.
Пратеникот од Демократскиот фронт, Јован Вучуровиќ, вели дека граѓанските протести веќе ги даваат резултатите.
– Очигледно е дека постојат енергија и одлучност до крајот да се истрае на барањата што се испорачани до власта. Народот се обедини, сака да ја ослободи Црна Гора. Тој не сака повеќе да биде заложник на криминалниот режим и отворено им се спротивставува на аномалиите, корупцијата и грабежот, кој стигнува до самиот врв на власта – вели Јован Вучуровиќ.