Само пензионерите веруваат во ветувањата на политичарите, а гласачите од другите старосни категории при гласањето се одлучуваат за стручноста и харизматичноста на кандидатите
Речиси половината од граѓаните во Србија излегуваат на избори и гласаат за политичарите што ги почитуваат законите и ги исполнуваат ветувањата, покажува најновото истражување на Бирото за општествени истражувања (БИРОДИ). Во истражувањето било анализирано зошто претседателот на Србија, Александар Вучиќ, има најголемо избирачко тело, иако не се докажал дека ги исполнува и дадените предизборни ветувања. Објаснувањето за тоа произлегува од анализата на критериумите што биле анализирани во самото истражување, во кое биле вклучени 1.006 граѓани, пишува „Данас“.
Мнозинството од нив, кои веруваат во исполнувањето на ветувањата, се на старосна возраст над 65 години (55,8 отсто), имаат основно и нижо образование (53,6 отсто) и се информираат главни преку телевизијата Пинк (61,1 отсто). Околу 64,2 отсто од оваа категорија гласачи се изјаснуваат за Српската напредна партија, односно за Вучиќ. Во истражувањето како критериум по кој се одлучуваат гласачите е и стручноста, а овде во предност се кандидатите на опозицискиот Сојуз за Србија. Важен критериум при изјаснувањето на гласачот се харизматичноста и моќта на одреден политичар.
Стручноста е најважна при изјаснувањето на испитаниците од 18 до 29 и од 40 до 49 години. За тие над 65 години ова е незначително. Исто така, стручноста на политичарите е важна и за испитаниците што припаѓаат во категоријата „неопределени“.
Гледано по партии, кај СНС доминира законитоста, исполнувањето на ветувањата и харизматичноста. Слична структура на испитаниците има и кај Сојузот за Србија, но тие водат во поглед на стручноста. Кај гласачите за Движењето на слободни граѓани пресудна е харизматичноста на лидерот, додека кај ЛДП доминира критериумот на моќта на политичарите, се некои од заклучоците од истражувањето на БИРОДИ.
Социологот и истражувачот на БИРОДИ, Зоран Гавриловиќ, за „Данас“ вели дека ова истражување се фокусира на тоа зошто граѓаните се одлучуваат да гласаат за определена партија, односно за нивните лидери. Во следното истражување предмет на анализа ќе бидат медиумите и начинот на кој се креира јавното мислење преку формирање на сликата за политичките лидери.
– Квалитетот на истражувањето на јавното мислење е предуслов за изборна дебата. На овој начин се обидуваме да се избориме со индустријата на популизмот, односно со лажните вести. На граѓаните им понудивме алатка за мерење на квалитетот на политичарите во делот на нивната политичка методологија и идеолошко гледање на реалноста – вели Гавриловиќ.
Според него, не може да се говори дека во Србија има демократски изборен амбиент кога има 58 отсто аполитични граѓани.
– Наместо граѓаните да се определуваат врз основа на оствареното и идеологијата тие се изјаснуваат врз основа на фризираната слика за политичарите, кои ја создаваат маркетиншките агенции, поддржани од пропагандните медиуми – вели Гавриловиќ.