Словенечката финансиска полиција ја стави под хипотека семејната куќа на градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ за да обезбеди наплата на долг од 335.000 евра, настанат од даночно затајување.
Јанковиќ, некогашен директор на „Меркатор“ и бизнисмен, веќе четврти мандат е градоначалник на Љубљана. Постапката која е отворена се однесува на парични трансакции меѓу Јанковиќ и неговите синови, на кои им ја продал својата компанија „Електра“, а потоа назад примил огромни износи како рати за уплата на долг од осум милиони евра.
Синовите парите на компанијата му ги префрлале на таткото и тогаш кога „Електра“ влегла во неликвидност, заради што останатите нејзини доверители безуспешно ги очекувале своите пари.
Со примените пари Јанковиќ намирувал и некои долгови на другите свои фирми, наведуваат медиумите. Според финансиската полиција, средствата што на својата сметка ги добивал Јанковиќ не се поврат на кредитот што им го дал на синовите, туку негов личен приход, што подлежи на оданочување.