Според воените експерти и професори со кои се консултиравме, замрзнатите конфликти се одмрзнувани и менаџирани со посредство на големите сили, кои, барем засега, успешно знаат кога да ги извлечат смирувачките асови од џеб кај политичките елити на страните каде што постои спор… Но, според нив, она што загрижува е сѐ уште непостоењето на моќта на локалните лидери сами да ги решаваат овие проблеми
Новоотворено безбедносно жариште во соседството
Дали постои веројатност и колкава е таа за разгорување на новото безбедносно жариште на српско-косовската линија на раздвојување? Колкава е веројатноста за заострување на инцидентот и проширување на кризата во регионот? Постои ли опасност за прелевање на косовско-српските тензии кон Македонија, со оглед на близината на територијата на Македонија, но и земајќи ги предвид поддршката на албанското и српското етничко малцинство во Македонија и (засега) вербалната поддршка што тие ја даваат, секој за својата страна?
Ова се некои од прашањата што се актуелни деновиве и ја разбрануваа јавноста во земјава, а и на Балканот, по тензиите што се случуваа на северот од Косово околу одлуката за (не)важење на српските регистарски таблички.
Како да се минимизира евентуалното штетно влијание
Се консултиравме со универзитетски професори и безбедносни аналитичари, кои за „Нова Македонија“ ја анализираат состојбата. Познавачите на безбедносната слика во регионот се поделени во размислувањата дали актуелните настани имаат безбедносно-конфликтен потенцијал да се прошират во регионот и колку албанско-српските недоразбирања може да стигнат и до Македонија, како во 1999 година, за време на косовската војна.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски во своја опсервација на настаните истакнува дека најголем адут на Македонија со кој таа може да „спие мирно“ во овие моменти е нашето членство во Алијансата. Марковски истакнува дека последните настани се од локален карактер меѓу две земји и тие во моментов немаат потенцијал да се прошират на регионот.
– Сметам дека последните немили случувања немаат потенцијал да прераснат во безбедносен настан што со својот обем ќе се прошири во соседството. Од македонска перспектива на случувањата, настаните треба да се следат со големо внимание, бидејќи, сепак, тие се одвиваат многу блиску до нашите граници – вели Марковски.
Аналитичарот, сепак, додава дека безбедносните институции вршат процена на настаните иако за нив нема голем број јавни податоци. Марковски советува дека оние што раководат со безбедносните органи треба да го искористат своето влијание кај сојузничките сили во НАТО и со нивна помош дополнително превентивно да дејствуваат за да се минимизира штетниот аспект на случувањата.
Сепак, замрзнатиот конфликт има сериозен потенцијал да го дестабилизира регионот
Сосема спротивно размислува универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев, кој забележува дека дел од замрзнатите конфликти на Балканот, меѓу кои е и оној помеѓу Косово и Србија, имаат сериозен капацитет да го дестабилизираат регионот, но и да предизвикаат посериозен конфликт, во кој би можеле да се вплеткаат и големите сили, бидејќи и едната и другата страна имаат геополитички двигател од една од големите светски сили.
– Фактот дека замрзнатите конфликти се менаџирани со посредство на големите сили, кои барем засега успешно знаат кога да ги извлечат смирувачките асови од џеб кај политичките елити на страните каде што постои спор влева надеж дека нема да дојде до тоа – вели професорот.
Хаџи-Јанев подвлекува дека она што навистина загрижува е непостоењето на моќ на локалните лидери сами да ги решат овие проблеми.
– Високото ниво на корупција и катастрофално слабото лидерство, кое е заглавено во локалните стереотипи на квазилиберализам, со силен партиски инженеринг што форсира колективен идентитет, а не индивидуално право на избор (спротивно на основната идеја на либералната демократија) нуди многу слабо решение на ваквите конфликтни ситуации во нашиот регион – објаснува професорот.
Тој истакнува дека ако кон ова се додадат геополитичкиот двигател и динамиките што се одвиваат во интензивираното соперништво на големите играчи, тогаш работите добиваат навистина сериозен предзнак, односно тие имаат кај себе потенцијал да нѐ растревожат и во земјата, но и пошироко во регионот.
– Состојбите стануваат уште посериозни во овој период, бидејќи оние што го гарантираат замрзнатиот конфликт истовремено и ја немаат моќта да ги решат конфликтите што тие ги замрзнаа – вели професорот.
Дополнително, Хаџи-Јанев своите аргументи за тоа како би можело да се развива кризата меѓу Косово и Србија ги гради и врз искуствата на досегашните мини-кризи што се одиграа во Украина и Нагорно Карабах.
– И во двата случаи евиденцијата за стратегиското оформување (обновување на вооружувањето, воените маневри и демонстрација на сила) се случуваше пред да дојде до ескалацијата. И во двата случаја, спротивно на очекувањата, сосила носењето „розови очила“ и игнорирањето на разузнавачките извештаи се покажаа како кобни. И на крајот, и во двата случаи имавме своевиден блицкриг на стратегиски маневар и заземање позиции по кои какво било мешање на „тешкашите“ е неисплатливо. Освен ако, не дај боже, исчезне разумот и надвладее лудилото за да се израмнат сметките. Факт е дека ситуацијата е далеку од таква. Но факт е и дека последните конфликти ескалираа од нула до сто за пет секунди, а последен доказ за тоа е дека сите овие мирудии на поранешните искуства веќе се присутни и кај Србија, но и кај Косово – заклучува Хаџи-Јанев.
Србија ќе ги повика КФОР и НАТО да реагираат
Во контекст на актуелните случувања, вчера во Белград државниот врв одржа седница на Советот за национална безбедност на кој беше дискутиран српскиот „одговор“ на косовската провокација, кога приштинските власти еднострано одлучија да ги вадат српските регистарски таблички на автомобилите на влезот од северот на земјата. Пред состанокот, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Србија ќе ги повика КФОР и НАТО да реагираат доколку продолжи „загрозувањето на имотите и животите“ на Србите на Косово.
На настаните симултано со соопштение реагираа американските амбасади во Белград и во Приштина, каде што тие побараа двете земји да се воздржат од еднострани дејства. Дипломатските испостави на Америка повикаа и на смирување на тензиите. Портпаролот за надворешна политика на ЕУ, Петер Стано, исто така ги повика Белград и Приштина да ги запрат меѓусебните тензии.