Највисоко ниво на морето измерено од 1955 година во близина на Сплит, бран со рекордна висина во близина на Дубровник, поплави долж целото хрватско крајбрежје – тоа се само делови од целосното сценарио, кои се навестување за она што во следните години и децении ќе станува се почеста појава, пишуваат хрватските медиуми.
Со климатските промени, ќе се зајакнат сите метеоролошки феномени кои резултираат во вакви временски неприлики, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Геофизичарот Мирко Орлиќ, специјализиран за цунами, вели дека кај Дубровник во вторникот на 12 ноември е измерен највисокиот бран со висина од 10,87 метри.
Ветерот и брановите се само дел од приказната за поплавите какви што малкумина во Хрватска паметат. Другиот дел е високото ниво на морето.
– Арктичкиот мраз годинава, кон крајот на октомври, беше на рекордно ниско ниво, најнизок досега, а сега е изедначен со претходното најниско ниво од 2012 година. Тоа е поврзано со глобалното затоплување кое не е униформирано и еднакво низ целиот свет, туку е поголемо кај половите, а помалку изразено на екваторот – нагласува Орлиќ.
Тој вели дека тековните настани на Јадранот се еден вид поглед кон иднината.
Во последните триесет години, нивото на морето во Јадранот е зголемено за околу седум сантиметри. Најпрво се развивало побавно низ целиот Медитеран, но во последниве години нивото е изедначено со порастот на океаните во целиот свет.