Поради либерализацијата на пазарот на трудот во Германија од наредната година БиХ би можела да остане без голем број работници
Државите од Западен Балкан се во исчекување од донесувањето на новиот закон за доселување, со кој ќе се либерализира можноста за добивање работа во Германија, со кој ќе се поттикне иселувањето на луѓето од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и од Албанија.
Агенцијата „Анадолија“ побара од Амбасадата на СР Германија во БиХ информација за најавените олеснувања за вработување во Германија, кои ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2019 година. Во одговорот на германската амбасада се наведува дека „законот за доселување сѐ уште е во раната фаза“. Притоа од медиумите бараат да имаат разбирање дека не можат да одговорат за можните ефекти на законот. Германската канцеларка Ангела Меркел се договорила со коалициските партнери од почетокот на наредната година да се поедностави процесот за вработување странци, затоа што на оваа земја ѝ недостигаат 1,2 милион работници. Според најавените измени, странскиот државјанин ќе може да доаѓа на шест месеци во Германија на сопствен трошок. Доколку најде работа, тој ќе добие работна дозвола и виза за престој, но во германскиот конзулат во државата од која доаѓа. Со новото германско законодавство се предвидува и укинување на одредбите со кои работодавците мораат да докажат дека на пазарот немаат доволно работници за работата за која е потребно да се ангажира странски работник.
Радио Слободна Европа пишува дека поради либерализацијата на пазарот на трудот во Германија од наредната година БиХ би можела да остане без голем број работници. Додека аналитичарите и стопанствениците предупредуваат за ова, политичарите се првенствено ориентирани кон исходот од парламентарните избори и формирањето на новата власт во земјата.
Работниците од просторите на поранешна Југославија се најприфатливи за германските компании поради претходното повеќедецениско искуство. Поради тоа, како што предвидува професорот по социологија Славе Кукич, следната година следува голем удар на пазарот на работна сила на целиот регион, како и на БиХ.
– Значителен дел од работоспособното население во БиХ ќе замине во Германија. Овде не мислам на оние што имаат хрватски пасоши, кои се дел од пазарот на ЕУ. Тоа ќе биде нов удар на БиХ кога се однесува на побарувачката на работна сила, но ќе биде и голем демографски удар затоа што голем број млади и образовани луѓе ќе заминат од земјата – вели Кукич.
Економистот Дамир Миљевиќ смета дека либерализацијата на германскиот пазар на трудот уште повеќе ќе ја влоши состојбата кога е во прашање квалификуваната работна сила во БиХ.
– Луѓето што заминуваа во Германија со посредници или по повик ќе можат сами да бараат работа, што не беше случај со пасошите од БиХ. И сега е веќе алармантна состојбата и од следната година се очекува масовен одлив на работници – вели Миљевиќ.
Деловната заедница во БиХ е сериозно загрижена и станува свесна дека единствен начин да се задржат работниците е зголемување на платите, што е тешко да се направи без намалување на големите давачки кон државата по основа на трудот. Но друг проблем е што голем број од работниците во БиХ работат на црно и ним не им се плаќа прекувремената работа или работата на празници.
Според мислењето на Миљевиќ, домашните работодавци ќе мораат повеќе да се солидаризираат со работниците и да го споделат проблемот со недостигот од работна сила во БиХ.
Според податоците на германското министерство за труд, во 2016 и 2017 година во Германија на работа заминале 117.123 лица од БиХ и од Србија, а нивниот број секој ден расте.