Германската војска, Бундесверот, му подари денеска на Косово опрема и технологија во вредност од околу два милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата, преку својата страница на Фејсбук, ја објави косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој престојува во Призрен каде што го посети новиот Иновативен и тренинг парк, односно досегашната германска воена база во тој град.
– Како доказ на постојаната грижа на Германија за нашиот народ, околу два милиони евра опрема и технологија од Бундесверот денеска му беа подарени на Косово. Иновативниот и тренинг парк, кој се претвора во силна адреса на германската држава во Косово, се наоѓа во својата финална фаза. Создавањето на овој парк, каде што секогаш високо ќе се вее германското знаме, претставува силна основа на косовско-германското пријателство, напиша Харадинај, нагласувајќи дека народот на Косово ќе биде „вечно благодарен на германскиот народ и држава“.
Премиерот со соработници го посети и меморијалниот споменик на германските војници кои служеле во Косово.