Германската Влада денеска одлучно ги отфрли новите барања на Грција за репарација на штетата од Втората светска војна, кои вчера ги прифати Парламентот во Атина.
– Ставот на германската Влада за ова прашање е непроменет: прашањето за германските репарации, како правно, така и политички – дефинитивно е решено, изјави портпаролот на Владата Стефен Зајберт.
Тој и вчера објасни дека Германија е свесна за историската одговорност, но прашањето за исплата на воена отштета, што се однесува на Берлин е решено.
– Ние сме свесни за вината и големата неправда кои Германија и Германците ги иозвршија за време на националсоцијализмот во Грција. И поради тоа се трудиме со Грција, членка на ЕУ и Еврозоната да имаме добри осноси и да останеме пријатели и партнери – истакна Зајберт.
Грчкиот Парламент вчера ја повика грчката Влада да ги преземе сите соодветни активности, особено дипломатски и правни, за барање на долговите и целосно да ги задоволи сите барања на Грција од Првата светска војна и од Втората светска војна, откако беше изгласан предлогот на Претседателот на Парламентот Никос Вуцис, Грција да ги бара долговите од Германија.
Парламентот вчера дискутираше и гласаше врз основа на извештајот на Интерпарламентарниот Комитет според кој Грција бара воени отштети за материјалните катастрофи и кражби, воени репарации за жртвите и роднините на жртвите, отплата на окупаторскиот заем и враќање на украдените археолошки и црковни богатства.
Извештајот на Интерпарламентарниот Комитет од 2016 година е на 348 страници, ги содржи ставовите и позициите на партиите членови на Парламентот, детално ги објаснува грчките позиции, а ги споменува и одржаните 13 седници заклучно со 27 јули 2016, кога Комитетот го одобри извештајот. Тогаш беше пресметана отштета во висина од 300 милијарди евра. Германија смета дека со исплатата од 115 милиони марки во 60-те години во рамки на договорот со Грција и останатите западни земји го решила прашањето за репарација.
Берлин, исто така, се повикува и на т.н. „два плус четири договор“ од 1990 година, кој го потпишаа двете германски држави и и четири окупациски сили од Втората светска војна и со кој е правно дефинирано германското обединување. Со договорот, кој според Берлин го прифатила и Грција, од Германија се отстранува одговорноста за репарација од Втората светска војна.Освен од Грција, во последно време и од Полска пристигнуваат барања за исплата на репарација во висина од 800 милијарди евра.