Владејачката централно-десничарска партија ГЕРБ во Бугарија го зголеми водството пред опозициските социјалисти пред парламентарните избори, покажуваат две анкети.
Бугарија ќе одржи парламентарни избори на 4 април на кои според истражувањето на „Тренд рисрч“, владејачката партија од десниот центар ГЕРБ се чини дека има голема предност, иако според анкетите, по изборите нема да има јасна мнозинска коалиција во разделениот парламент.
Бидејќи бројот на заболени од коронавирус во Бугарија се зголемува, тешко е да се предвиди колку луѓе ќе излезат на изборите, па резултатот би можел да биде различен од анкетите на „Тренд рисрч“ и „Алфа рисрч“.
Анкетите покажуваат дека помеѓу 28,1 и 28,6 проценти од Бугарите кои планираат да гласаат во недела ќе ја поддржат партијата ГЕРБ, предводена од трикратниот премиер Бојко Борисов, додека 19,8% до 21,8% би го поддржале неговиот клучен ривал, бугарската Социјалистичка партија.
Седум партии се очекува да освојат места во парламентот со 240 членови, покажаа двете анкети спроведени помеѓу 26 и 30 март, што значи дека ниту една од најголемите партии не очекува јасна мнозинска коалиција.
Со оглед на загриженоста за пандемијата од коронавирус, „Алфа рисрч“ проценува дека на гласање ќе излезат од 2,5 до 2,9 милиони луѓе, помалку од 3,5 милиони кои гласаа на последните избори во 2017 година.
Министерот за здравство Костадин Ангелов во четвртокот рече дека земјата е во екот на третиот бран на пандемијата, со над 4.200 дневни инфекции и над 10.000 луѓе во болниците. Властите ублажуваат некои ограничувачки мерки, повикувајќи се на зголемениот број на вакцинирани и но оние кои се опоравиле од вирусот.
Според аналитичарите, помал одзив на изборите ќе им помогне на традиционалните партии со силна гласачка база, додека на помалите партии ќе им биде потешко да го надминат прагот да влезат во парламентот. Поголема излезност ќе им помогне на опозиционерите да освојат повеќе места.
Партијата ГЕРБ, која вети дека ќе ја зголеми просечната месечна плата за 36 проценти, на 1.000 евра, ќе гради повеќе автопати и ќе ја внесе земјата во еврозоната во 2024 година, полека ја врати поддршката по антикорупциските протести минатото лето.
На социјалистите, кои сакаат поголема улога на државата во економијата и повисоки даноци за оние кои заработуваат повеќе, им е намалена поддршката за 1,8 до 3,7 проценти, бидејќи нивните гласачи се претежно постаро население во страв од пандемија, велат истражувачите.