Со бојкотот на изборите од опозицијата и повисокиот цензус од пет отсто, во српскиот парламент би седеле само пратеници од две партии, односно од СНС и СПС
Претседателот на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија, Александар Вучиќ, преку предлогот за намалување на изборниот цензус од пет на три отсто ќе се обиде да го пресретне бојкотот на дел од опозициските партии, кои сериозно најавуваат дека нема да учествуваат на парламентарните избори, кои се најавуваат за 26 април годинава. Засега, намалувањето на цензусот е во рамките на предизборните тактики и комбинаторики на власта, која се соочува со сериозни притисоци од опозицијата и меѓународната заедница за воспоставување услови за рамноправен натпревар на изборите. Доколку биде постигнат консензус за овој предлог (што е малку веројатно), Вучиќ ќе ја избегне неповолната состојба од формирање еднопартиски собраниски состав, а во Собранието на Србија ќе седат само пратеници од СНС и од Социјалистичката партија, Ивица Дачиќ, кои реално имаат шанси да го променат изборниот праг.
Со понискиот цензус од три отсто од освоените гласови, во идниот парламент би имало пратеници од Радикалната партија на Војислав Шешељ, СПАС на Александар Шапиќ и Движењето на слободни граѓани, предводена од актерот Сергеј Трифуновиќ. Партијата на Трифуновиќ дејствува опозициски и е на различни позиции од блокот Сојуз за Србија, кој се залага за целосен бојкот на изборите.
Бојан Клачар од ЦеСид во изјава за „Новости“ вели дека промената им одговара на напредњаците, со тоа што би влегле повеќе помали партии и би се избегнало во Собранието да бидат само две партии, кои се залагаат за ист политички концепт. Од опозицискиот блок СЗС сметаат дека зад овој „маневар“ стои намерата на Вучиќ, вистинската опозиција да се замени со лажна. Партиите од малцинствата имаат резерви кон овој предлог затоа што на тој начин би се подигнал природниот праг врз чија основа се добиваат места во парламентот. Лидерот на Двери Бошко Обрадовиќ изјави дека власта се плаши од бојкотот и затоа „таа се подготвува да одглуми повеќепартиска парламентарна демократија“.
За претседателот на Србија, Александар Вучиќ, помалиот цензус е позитивно решение и на тој начин, според него, во Собранието ќе се врати политичкиот живот.
– На овој начин имаме подобра репрезентативност. Ова е идеал за демократијата и им овозможува на луѓето да го искажат своето мислење. Ова е моја идеја и ги разбирам луѓето што велат дека се пајтон-партија – изјави Вучиќ за „Блиц“.
Претседателот на НУНС, Жељко Бодрожиќ, смета дека повеќепартизмот во Србија е во замирање, а на политичката сцена има една голема партија што ги проголта своите коалициски партнери, додека опозицијата практично и ја нема во помалите места во Србија.
– Претседателот доцна се сети да ја враќа демократијата во Собранието, а тоа не се прави со декрет. Тој со години испраќа пораки дека сам сака да владее во земјата – изјави Бодрожиќ за Н1 телевизија.
Пратеничката на Европскиот парламент, Тања Фајон, која е и претседателка на Одборот за стабилизација и придружување на Србија и Европската Унија, е изненадена од идејата за намалување на изборниот праг.
– Радикални промени на изборните правила толку блиску од одржувањето на изборите е многу опасна тактика. Ова не е добра практика и ја намалува довербата – предупредува Фајон, пренесува „Данас“.