Српскиот претседател, Александар Вучиќ, вечерва изјави дека веќе е навикнат да биде карактеризиран како главен виновник, но додаде дека тој и српската влада успеале успешно да ја вратат Србија од ќор-сокак и дека е повратен дел од она што во политиката било загубено, пренесува српски „Блиц“.
Запрашан за тоа какво решение понудил во врска со Косово во неодамнешните разговори со лидерите на ЕУ, кој ги одбил неговите предлози и какви ќе бидат последиците од тоа, Вучиќ истакнал дека всушност никој не сакал навистина да го чуе.
– Беше одбиено така што никој не сакаше да слуша. Како мислите да му понудам на цел народ нешто што никој не сака да чуе? Одбиена е идејата за граници меѓу Србите и Албанците. Јас велам дека немаме јасна граница, го имаме единствено тоа што го пишува во Уставот, но на терен е нешто сосема друго. Настојував дека е важно да се најде компромисно решение без да се занесуваме со некои празни херојски приказни – истакнал Вучиќ.
Тој нагласил дека се борел да се направи нешто поинакво, но дека не успеал бидејќи никој не сакал ниту да слуша, па додал дека Германија има негативен став од самиот почеток.
Сепак, како што посочил Вучиќ, додека е тој претседател нема да признае независност на Косово.
– Може само да ме убиете, но тоа нема да се случи. Еве, им кажувам на сите, и на Англичаните и на Германците – нема. Срушете ме, но нема да го направам тоа. За петнаесет години може да биде некој друг претседател, но Вучиќ нема да го признае Косово – изјави претседателот на Србија.