Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Париз се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој му приреди свечен пречек пред Елисејската палата. Претседателот на Франција му се заблагодари на претседателот на Србија за посетата и истакна дека има убаво сеќавање од посетата на Белград во 2019 година.
– Дијалогот што го водиме повеќе од три години е многу важен. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Вучиќ што ја прифати новата методологија за влез во Европската Унија. Се надевам дека Франција и ЕУ ќе бидат поприсутни во полето на културата и образованието – рече Емануел Макрон.
Макрон особено ја истакна важноста на разговорите за Косово. Тој посочи дека Франција ќе ѝ даде поддршка на Србија во патот кон мир.
– Ќе сториме сè што можеме за да бидеме со народот на Србија – рече претседателот на Франција.
Макрон посочи дека цела Европа мора да стори повеќе во борбата против коронавирусот и посочи дека тоа е став и на германската канцеларка Ангела Меркел.