Српскиот претседател Александар Вучиќ закажа состанок со премиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ за да разговараат за надворешно-политичките можности, односите во регионот со посебен осврт на неодамнешните настани со Црна Гора.
Можно е, според извор на Блиц, претседателот Вучиќ, без оглед на мерките за реципроцитет, откако Црна Гора го протера српскиот амбасадор, да побара смирување на страстите, не само поради големиот број Срби во таа земја, но и поради положбата на Србите во регионот.
Состанокот е закажан за во 18 часот во зградата на Претседателството на Србија. Најпрво амбасадорот на Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, беше прогласен за персона нон грата и од него беше побарано да ја напушти Црна Гора. Неколку часа подоцна пристигна првата реакција од Србија, која воведе реципрочни мерки. Според дипломатската нота испратена од Министерството за надворешни работи на Србија до Министерството за надворешни работи на Црна Гора, амбасадорот на Црна Гора во Белград, Тарзан Милошевиќ е прогласен за персона нон грата.