Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера во Сочи ја оствари својата 17-та средба со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. Оваа посета доаѓа во клучниот момент за Србија, кога таа е изложена на различни притисоци, во пресрет на продолжување на политичкиот дијалог со Приштина. За големото српско-руско пријателство говори и големиот видеобим што е поставен во центарот на Сочи.

Белградските медиуми потсетуваат на неодамнешната шпионска афера, во која беше вклучен еден поранешен руски разузнавач што дејствувал на српска територија.

Наводно, целта на нејзиното обелоденување беше да се нарушат односите меѓу Белград и Москва, во пресрет на средбата на двајцата претседатели.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред средбата со рускиот колега, изјави дека односите со Русија се пријателски и братски.

– Ако Србија може да се потпре на некого од меѓународната арена, тоа е Русија. Во тоа нема сомневање, а исто така и тие може да се потпрат на нас – изјави Вучиќ во интервју на ТВ Хепи, кој потсети на одлуката на српските власти да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, што беше барано од западните земји.

На средбата Вучиќ – Путин, освен за темата за Косово, станало збор и за соработката во енергетскиот сектор и сообраќајниот сектор Двете страни ќе ги разгледаат резервните опции, како да се спречи недостигот од гас во Србија, доколку Русија и Украина не постигнат договор за условите за испорака на рускиот гас преку гасоводот на украинска територија.,


Руски медиуми: Србија пред клучен тест

Рускиот весник „Комерсант“ пишува дека посетата на Вучиќ и неговите разговори во Сочи со Путин, кои се одвиваат по шпионската афера и скандалот со српските мини во Украина, се од фундаментално значење.
– Самитот треба да одговори на главното прашање: дали Србија е подготвена да биде клучен сојузник на Москва во регионот или ќе продолжи да балансира меѓу Русија и Западот. „Комерсант“ наведува, повикувајќи се на неименувани извори блиски до властите во Белград, дека Србија и понатаму ќе се обидува да одржува рамнотежа во односите со Русија и со Западот, избегнувајќи очигледно потпирање само на една страна.
РИА „Новости“ објави дека серијата скандали во Србија, каде што Москва „повторно е вклучена, е единственото нешто што фрла сенка на средбата меѓу Вучиќ и Путин“. Агенцијата оценува дека односите меѓу двете земји се на тест.
– Серијата настани оваа есен го означија односот на стратегиските партнери во ново светло – се вели во соопштението на агенцијата, додавајќи дека експертите веруваат дека скандалите нема да влијаат на односите меѓу двете земји, пренесува Обсервер.