Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека може да се очекува „заеднички притисок на ЕУ и САД“ врз Србија во врска со прашањето на Косово.
По седницата на Претседателството на Српската напредна партија (СНС), Вучиќ кажа дека на Србија ѝ претстои „тежок период“ во кој, како што оцени, ќе биде изложена на „сите можни притисоци, кампањи и невистини“.
– Важно е да ја разбереме тежината на позицијата во која се наоѓаме сега, особено по промената на американската администрација. Треба да очекуваме концентриран притисок од ЕУ и САД кон Србија да ги исполни барањата за, како што отворено вели Вашингтон, признавањето на Косово, додека ЕУ ќе користи малку поинаков вокабулар, но ќе оди кон истата цел, кажа Вучиќ.
Тој оцени дека ќе има обиди за одземање на надлежностите на властите на Република Српска (РС).
– Кога на тоа ќе го додадете целиот регионален контекст во кој не е лесно да се зачува позицијата на Србија, која економски расте најбрзо … сите други ќе гледаат како да ја прогласат Србија за хегемон – изјави Вучиќ.