Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во акцијата на специјалните единици РОСУ и ФИТ се уапсени 23 лица од српска и босанска националност на северот на Косово и Метохија, главно припадници на косовската полиција. Тој дополни дека утрово настаните се обид за криминализација на српскиот народ, кој е вознемирен како никогаш претходно, јавува „Политика“.
Вучиќ во Собранието на Србија рече дека досега на територијата на северот на Косово вкупно влегле 73 српски оклопни возила, додека повеќе од 50 возила се подготвени и чекаат во јужна Митровица, 15 на територијата на општина Србица, додека осум веќе се упатени кон територијата на општината Зубин Поток, каде првично започнаа настаните.
– Досега се уапсени 23 лица од српска и босанска националност, на територијата на три општини во Косово, поточно Косовска Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток – рече Вучиќ, а пренесе „Танјуг“.
Тој потсети дека официјален Белград имал сознанија дека ќе се случи овој настан и дека ја предупредил домашната и меѓународната јавност и претставниците на Европската Унија (ЕУ) уште на 17 мај за можните случувања. Српскиот претседател кажа дека уште тогаш посочил дека Албанците подготвуваат апсења на околу десет лица на северот на Косово, под изговор дека тоа е борба против организиран криминал и корупција, што ќе предизвика голема вознемиреност и страв кај Србите.
Првиот човек на Србија додаде дека состојбата во Зубин Поток сè уште е многу лоша, каде невооружените Срби им се спротистауваат на припадниците на албанските екстремистички групи облечени во полициски униформи.
– Првенствено до судир дошло во местото Варага и во клисурата албанските специјалци пробиле три барикади. Србите не располагале со никакво оружје и имале докази и снимки дека Албанците пукаат со боева муниција над главите на српското население, кое викало и се обидувало вербално да се спротистави на единиците на ФИТ, РОСУ и на НЈСО – констатираше Вучиќ.