Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека Србија секогаш е подготвена за разговор и компромис со цел решавање на косовскиот проблем, но оти не е подготвена на понижување.
Како што јави Танјуг, Вучиќ тоа му го порачал и на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш со кого се сретна со Њујорк, но и на многу средби со функционери чии земји ја признале независноста на Косово.
– Додека сум претседател на Србија нема да ја понижат Србија, а за компромис и за разговор секогаш сме подготвени, порача тој.
Вучиќ за РТС изјавил дека за Србија ќе се бори и во Њујорк, Брисел, Лондон, Берлин, Париз, но и на оние места каде се против еднострано прогласената независност на Косово, односно во Москва, Пекинг…
– Секој пат велам, вие не сте целиот свет, има друга половина на светот која тоа не го признава. Сакате да кажете дека Србија нема ништо во своите раце, има, но Србија сака компромис, а вие размислете дали сакате компромис или понижување на Србија, рече Вучиќ.
Тој додаде дека би сакал кога разговорите за Косово би се воделе само меѓу Србите и Албанците, а „без интереси на други сили“, затоа што со тоа „проблемите полесно би биле решени“.