Кога и некој да се обиде да подигне тензии помеѓу нас, од Белград ќе добие одговор дека Бугарите ги сметаме за браќа, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој денеска го пречека бугарскиот претседател, Румен Радев.
Вучиќ оцени дека односите меѓу Србија и Бугарија се многу добри.
– Ние негуваме искрени пријателски односи со Бугарија и бугарскиот народ – изјави Вучиќ.
Двајцата претседатели истакнаа дека разговарале за учебниците на бугарски јазик во деловите со бугарско малцинство во Србија, историските прашања, но и за економијата, вработувањето и носењето инвестиции.
– Најголем број барања од бугарското малцинство се за информации на мајчин јазик и развој на нови учебници, а Србија е подготвена да го обезбеди тоа, со техничка помош на Бугарија – изјави Вучиќ.
Радев истакна дека Бугарија гради заеднички европски пат со Србија, коментирајќи дека претседателот Вучиќ исполнил сè што ветил кога станува збор за договореното и за правата на бугарското национално малцинство во Србија.
Двајцата свечено открија споменик на словенските просветители Свети Кирил И Методиј, во дворот на средното училиште во Димитровгард, што го носи нивното име.
– За нас е важно да гледаме во иднината, да ја градиме иднината. Бугарскиот народ секогаш ќе има пријател во Србија, некој што ќе биде подготвен да разговара за проблемите на братски начин, затоа што ние ја имаме истата вера, а имавме многу проблеми во минатото за да си дозволиме да имаме проблеми во иднината. Ние сакаме да им помогнеме на Димитровград и Босилеград, но и на секој друг дел на Србија, како и на сите места каде живеат Бугари во Србија. Ќе дадеме се од себе да донесеме инвеститори во овие делови – рече Вучиќ.
Двајцата претседатели изиграа и пријателска партија шах.