Српскиот претседател, Александар Вучиќ, рече дека денеска ситуацијата за српскиот народ на Косово е потешка од вчера, а за Кфор порача дека оваа воена мисија во покраината не е неутрална, објави „Танјуг“.
Запрашан за изјавата на портпаролот на Кфор дека најголема закана за мирот на Косово и Метохија е реториката на лидерите и злоупотребата на медиумите, како и дека сите биле однапред известени за вчерашната полициска акција, Вучиќ му порача на Кфор јавно да кажат кого тоа тие известиле.
-Кфор не ја кажува вистината. Ние добивме разузнавачки податоци за тоа околу 15 мај, а јас на 17 мај излегов во јавност со таа информација и со молба да не го прават тоа- рече Вучиќ.
Тој додаде дека Кфор не се неутрални и дека тие се занимаваат со реторика и со трикови.
-Го повикувам портпаролот на Кфор нека каже кого известил. Вчера во еден момент командантот на Кфор не сакаше да се јави ниту на началникот на Генералштабот на Војската на Србија, па тогаш ни ние не сакавме да се јавиме. Се слушнаа дури околу 11 и 30 часот кога ги предупредивме на настаните. Кога беше најтешко, немаше контакт- рече српскиот претседател.
Вучиќ кажа дека приштинските власти вчера уапсиле 20 лица, наводно, како што кажа, во рамки на борба против корупцијата, а потоа и поради убиството на Оливер Ивановиќ и Енвер Замбери. Вучиќ праша дали и еден глувонем човек кој е уапсен е виновен за тоа.
-Ајде кажете ни за што се работи. Водите наводна борба против корупција. Како тоа се уапсени двојно повеќе Срби од Албанци? Тоа значи дека Србите се поголеми криминалци во полицијата, а во Приштина сите се чесни- рече Вучиќ.
Тој предупреди дека крајна цел на Приштина е апсење на командантот на косовската полиција за северот на Косово и Метохија, Жељко Бојиќ.
Тој рече дека вчерашната акција и апсењето на Србите ги принудува српските полицајци да бидат „полоши Албанци од Албанците“, кои, како што рече, нема да бидат.
-Сè што прават е да се злоупотреби нешто и да се обидат од Србија да направат виновник. Но сето тоа мора да заврши и со тоа сите нивни приказни- рече Вучиќ на новинарите по посетата на воениот гимназиски интернат во Белград, пренесе „Танјуг“.