Претседателот на Србија Александар Вучиќ по вчерашната средба со папата Франциск изјави дека Ватикан води сериозна надворешна политика и дека ќе го зачува својот став околу прашањето за непризнавање на независноста на Косово.
На средбата во Ватикан станало збор за билатералната соработка, а Вучиќ истакнал дека релациите меѓу Србија и Римокатоличката црква се добри и на конструктивно ниво.
– Исклучително ја цениме принципиелната позиција на Светиот Престол за непризнавање на еднострано прогласената независност на Косово, како и разбирањето за позицијата на Србија за почитување на меѓународното право – нагласи Вучиќ.
Српскиот претседател порача дека Србија продолжува со конструктивното залагање за пронаоѓање одржливо и компромисно решение за Косово и тоа исклучиво по патот на дијалогот, кој е оневозможен со повлекување ирационални потези од приштинската страна.