Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е против идејата за „замрзнат конфликт“ за прашањето на Косово и Метохија, иако таа е најреална опција, на Србија ѝ остава се помалку простор за заштита на својот суверенитет во оваа покраина. Решавањето на косовскиот проблем е од суштинско значење за Србија, изјави Вучиќ на отворањето на Националната дебата за ЕУ, која се одржа во рамките на внатрешниот политички дијалог. Најголемиот број луѓе што учествуваа во дијалогот се залагале за зачувување на статус квото и да се чекаат подобри услови за Србија.
– Иако тоа е ставот на мнозинството во политичката и неполитичката јавност, јас сум против такво решение. Не затоа што не ја сакам Србија или не ги разбирам светските движења во глобалната политика, туку затоа што направивме анализа што е тоа што можеме да го добиеме и да го загубиме – вели Вучиќ – Заклучокот на овие анализи е дека со текот на времето Србија не добива ништо, имајќи ги предвид економските потенцијали на земјата, социјалните, демографските, демократските и други услови во земјата. Напротив, ние ќе бидеме во потешка позиција. Определбата на Приштина е по секоја цена да го заземе северот на Косово и да оствари суверенитет. Намерата е да нѐ доведат до завршен чин. Процесот на дијалогот во иднина ќе се води според принципот прво да се исполни она што е претходно договорено – ја пренесува „Политика“ изјавата на Вучиќ.
Противниците на косовската независност сметаат дека во случај да се постигне правно обврзувачка спогодба меѓу Белград и Приштина за целосно признавање на Косово, во најскоро време ќе настане нов геополитички проблем. Душан Пророковиќ, соработник на Институтот за меѓународни политики и економија, смета дека Србија не смее да дозволи под никакви услови Косово да биде примено во Обединетите нации, затоа што тоа би ја загрозило геополитичката положба на Србија и би отворило многу нови проблеми.
– Ако тие бидат примени, следниот ден ќе бидеме тужени од Меѓународниот суд на правдата за геноцид, а потоа ќе следуваат нови барања од Приштина – тврди Пророковиќ. Алексис Троуд, професор на Универзитетот во Версај и директор на Одделението за балкански студии, вели дека Србија не може долго да биде меѓу Истокот и Западот, пренесува „Данас“. – За жал, Србија сега не може да се определи за Запад, која води мала „војна“ на Косово и Метохија. Српската влада треба да го одржи својот став и да се доаѓа постепено до компромис, особено за прашањето за јазикот и интегритетот на територијата – советува Троуд.